Историјат

Kус историјат на Центарот  Никулците на ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација - Скопје се создадени уште 1952 година кога при тогашниот Завод за дефектни во Битола, преку минијатурни специјализирани единици, отпочна аудиолошката и логопедската практика во Република Северна Македонија. Како резултат на правилното и научно засновано поставување основите на овие нови научни дисциплини во нашата практика подоцна дојде до брзо осамостојување и институирање на овие единици при Заводот за рехабилитација и корекција на говорот во Битола, кој е формиран во декември 1955 година.

Закономерноста во развитокот на науката во целина, фантастичното брзото темпо во развитокот и осовременувањето на постојните системи на науки и научни дисциплини неминовно го наметна создавањето на системот на клиничката компонента. Овде во прв ред доаѓаат дефектолошките науки аудиологија, логопедија и фонопедија чиј предмет е рехабилитација на лица со растројства во говорот, слухот и гласот.

Овој дијалектички развоен тек на работните услови и наметна научно засновано диференцирање, поблиско определување и инситуирање на медицинската дефектолошката, педагошката и социјалната компонента во системот за заштита и рехабилитација на лица со растројства во слухот, говорот и гласот.

Поради тоа мораше да дојде до издвојување на клиничката и едукативната компонента во организацијата и делокругот на работа во Заводот за рехабилитација и корекција на говорот во Битола и до создавање посебна клиничка, аудиолошка рехабилитациона установа во Републиката, а Заводот да се реорганизира и неговиот развиток да се насочи во педагошки правец(воспитување и образование на деца и младинци со оштетен слух). Потребата е задоволена со решението од 29.04.1960 година со кое е формиран Аудиолошкиот центар на Македонија во Скопје како самостојна клиничка рехабилитациона (дефектолошка) установа. Центарот почна со редовна работа есента 1962 година. Во надлежност на оваа установа и беа дадени превентивата, дијагностиката, аудиопротетиката, и третманот на лица со растројства во слухот во Р С Македонија. Покрај тоа Центарот беше задолжен за евиденцијата и статистиката на глуви и наглуви во Републиката, со превентивата и заштитата на работниците од индустриска бучава и со проучување на проблемите на слухот.

Со создавањето на ова установа беше комплетирана базата на институционалниот систем за заштита на лица со растојства во слухот во РС Македонија поради тоа што Клиниката за уво, нос и грло во Скопје заедно со ОРЛ единиците и службите во Републиката во целост ја покриваше медицинската компонента (превентива, медицинска дијагностика и лечебен третман). Центарот ја покриваше дефектолошката компонента ( превентива, дефектолошка дијагностика, рехабилитационен третман и аудиопротетика. Под притисок на природата и комплексноста на проблематиката, како и на потребите од преземање на итни мерки и во областа на патологијата на говорот во Републиката, наскоро дојде до промена во називот на установата и до квалитетно проширување на нејзината дејност. Со дополнително решение од 23.04.1963 година установата доби назив Фонијатриско-аудиолошки центар на СР Македонија. Делокругот на работа на Центарот со оваа решение се прошири и врз растројствата на говорот и со целокупното свое работење и со својот статус се вклучи во системот на здравствена заштита на населението во Републиката. Во 1970 година со Законот за социјални установи на СРМ називот на установата се измени во Центар за слух, говор и глас и дојде до комплетирање на дејностите аналогно на сите современи клинички рехабилитациони установи во светот кои во својот делокруг на работа ги опфаќаат сите компоненти, аспекти и проблеми на вербалната меѓучовечка комуникација. Десетина години подоцна оваа установа станува интегриран дел на Универзитетскиот Клинички центар во Скопје, како посебна организациона целина, да во 2003 година биде и посебен правен субјект – Јавна Здравствена Установа Завод за рехабилитација на слух говор и глас. Со последните статутарни измени, како и измени во организационата поставеност на установата, истата во 2023 година се преименува во ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербална комуникација - Скопје, и сеуште опстојува и се развива, пружајќи повеќе од 20000 услуги на годишно ниво.